НАШИНСКА
Да ни е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине —
Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине —
Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот —
Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат
Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!
НАШИНСКА (III)
Сѐ тече и сѐ протечува
А ние одиме одиме одиме
Минејќи преку минливото
Одејќи низ недоодливото
А едно густо име
Со многу жилки од животек
Слоевито и збито и деветорно
Се лепи милениумски
Низ нашите изморени стапалки:
М а к е д о н ц и!
Ем-Ма-ем-ке-ем-дон-ем-ци
Ем-донци-маке-ем-кедон-маци
Ем-донма-цике-ем-цима-донке
Вртени превртувани извртувани
Делени разделувани раскинувани
На слогови на маки и на фили
На егеи на вардари на пирини
Ослепени еднооки видовити
Кучкини синови ѓаволско соило црно семе
Мијаци брсјаци копановци
Мрваци бандовци пуливаковци
Икари и прометеи топовско месо
Гробари на својот грев и очај
Крадачи на сопствената вера
По првпат Питу по вторпат Питу
Итромани дудуци лесноверци
Последни претплатници на слогата
Одиме се пореваме се исправаме
Се извишуваме подзастануваме продолжуваме
Преку кресни илиндени грамоси
Преку беаскули подрумкалиња черни џамии
Преку лепоглави сремски митровици
Преку голиотоци и сибири
Одиме одиме одиме
За да се доболи болливото
За да се догледа гледливото
За да се доосвои најсвоето
Одиме одиме одиме
Со препал и со уплав
Да не би да се испогубиме
Низ маглата на вековите —
Одиме своеглаво одиме упорито
Одиме прекутрупа одиме гласовито
Преку бришаниот простор на постоењето
Одиме одејќи накај себеси
Нашински препознавајќи се —
Нашински престигнувајќи се —
Нашински издржувајќи.
ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД
Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој — одненадеж,
за да мy станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје —
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!
Дотековме во град по весници, по cтpyja,
пo телевизори, пo стадиони, пo кина,
пo бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, —
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!
Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македанијо, сo пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Макадонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македоиијо, со јоги душеци, со терени за
скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена, —
на два Илиндена и филмови нетитлувани
на македонски, —
О, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?
Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?
Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагаат пo работа.
Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите,
збери ги коските на своите закубеници,
коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покpaj Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец —
Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!
Нерези
(од стихозбирката „Спокоен чекор“, 1956)
1
Во секој заглед: Занемена големина!
Во секоја мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
2
Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на
самочувството
да те сочуваме.
3
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови невекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.
4
Витосни векови време во костец со забравата,
и — пак те имаме!
5
Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
6
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
7
Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај сè —
живееме, живееме, живееме.
СЕДУМ НАВРАЌАЊА НА ПОИМОТ ТРЕПЕТЛИКА
(од збирката „Спокоен чекор“)
Зелена, нема разбранетост.
Таа е лична средполка,
средполе сон прегладнета.
2.
Ставата и е зеленило пеперуги
пленети вечно во вишна вертикала.
3.
Прекопната за спокој, неспокојна се траќа,
трепери простум, се вѕира во облаците,
го следи патот, тагува по катунците
и ѕемне кога спотнат средлетните безветрини.
4.
Ја мачи ли безсоница, во уплав ли се тресе
грешно-прегрешна јаловица занесена?
5.
Крстеник да ми беше, со Немир би ја крстел,
немир-немирлика, неродна полска висотија.
Вечерник да сум, трепетот би и го брстел,
трепетот, показ на стравлива самотија.
6.
Колку е само плашливка, самата ќе ви рече,
везден треперење: Утрина. Пладнина. Приквечер.
7.
Им се заблазува на птиците
гнезда што свиле во неа,
на сонот, рожбите, починката им заблазува,
Несонка. Неротка. Зелена неспокојничка.