Поезија или лирика (од старогрч. ποιέω = создавам)
е уметничка форма во која човечкиот јазик се користи
за неговите естетски квалитети во додаток на, или место за,
вата семантичка содржина. Поезијата се состои претежно од усни
или литературни дела во кои јазикот се користи на начин што
јасно се разликува од тој на обичната проза. Основната одлика
на јазикот на поезијата е во она што го нарекуваме ритмичност.
Наши познати поети што твореле по Втората Светска војна (Повоени македонски поети - Повоена македонска литература)
Теорија на поезијата
Превземено од Википедија
Голем број писатели, естетичари и философи ја разгледувале суштината на поезијата и нејзините односи со другите науки. На пример, зборувајќи за поетите, римскиот поет Овидиј вели: „Во нас е господ; тој нè поттикнува, со него гориме“ (Fasti, VI), како и „Нè викаат свети пророци и миленици на боговите“ (Amores, III и IX).[1] Во еден од дијалозите на Платон, Сократ ја дава следнава дефиниција: поетот е нешто лесно, крилато и свето - толкувач на божествата.[2] Сличен став има и Јован Дучиќ според кого „поетот е првиот кој го објавил Бога“,[3] а поетите „живеат во вечно неспокојство да го објаснат божеството низ неговите дела и да го посведочат со своето сопствено творење“.[4] Поетот е толкувач на божеството, зашто тоа е слика на човечкиот идеал, а поетот секогаш говори само за највисоките вредности. Оттука, според Дучиќ, ниту еден поет не е безбожен, туку поетот е религиозен, зашто поетите ја измислиле религијата. Затоа, дури и кога се сомнева, поетот верува.[3] Уште повеќе, луѓето го сметаат поетот за најбизок до божеството.[2]
Во есејот „За поетот“, тој вели дека поетите сметаат дека реалниот свет не е доволно голем ни доволно убав и затоа тие создаваат за да го усовршат светот.[5] Дучиќ вели дека само поетот создава, зашто само тој мисли за да измисли нешто. Поетот е секогаш идеалист, зашто сите нешта ги гледа низ призмата на идеалот и совршенството. Но, тоа не значи дека поетот нема чувство за стварноста, туку напротив, поетите се единствените кои ја поместуваат стварноста до крајните граници. Поетот е супер-реалист, тој ја гледа стварноста најдобро и единствено тој ги гледа недостатоците во неа; тој најдобро ја познава врската од денешната непотполна стварност до нејзиното утрешно усовршување. Поетот мисли потсвесно, тој е интуитивен и она што не постои, тој го гледа како да постои.[6] Според него, поетот е оптимист по својата природа, зашто тој е единствената творечка сила и тој оди до крајните граници на можностите, а често и надвор од тие граници. Тој смета дека поезијата се раѓа како судар на две спротивности: идејата на вечноста наспроти идејата на смртта, љубовта како спојување на душата и телото, итн. Овие спротивности постојат во многу луѓе, но само ако човекот знае да им даде уметнички израз и подинечниот момент да го воопшти во сеопфатен човечки фатум, тогаш човекот станува поет.[7] Притоа, Дучиќ смета дека колку е подлабоко, поетското дело е попросто; а колку е попросто, толку помалку може да се зборува за него.[8] Во светот има само двајца творци: Бог и поетот; првиот започнува сè, а вториот сè довршува. Тајната на поетското создавање е исто толку длабока како и божјото создавање; не се знае како настанало поетското дело, како што не се знае како станала вселената. Како делото се јаува во умот на поетот и како тоа доаѓа до совршениот израз, тоа ниту самиот поет не може да го објасни, зашто градењето на делото се врши во матна душевна состојба. Големата тајна во која е создадено едно поетско дело останува мрачна тајна за сите и за секогаш; затоа, поетот е сосема поинаков човек, тој е повисок од другите луѓе зашто само тој ја претставува нивната есенција. Поетот гледа сè во вечноста и сè хуманизира, сè мери според човечката судбина и за него, светот е дел од човекот, а не обратно. За поетот, сè е убаво, но и сè е тажно и затоа, сите поети се тажни по својата филозофија, а сите поетски дела се меланхолични. Поетот ги мери нештата со душата и затоа, науката мисли за светот, а тој чувствува за него. Поради тоа, науката и поезијата никогаш нема да се помират меѓу себе, зашто големите вистини ги кажуваат само поетите. Поетот е единствениот кој ги толкува нештата, тој ја бара крајната смисла на сè и сите нешта ги чувствува во нивниот однос кон човекот.[9]
Според Гете, стварноста ги обезбедува мотивите и градбата за поезијата, а задачата на поетот е од нив да создаде оживеана целина; оттука, ниеден реален предмет не е непоетичен, ако поетот знае вешто да го искористи.[10] Напротив, секој специјален случај станува општ и поетски токму со тоа што него ќе го изрази поетот.[11] Во таа смисла, задачата на поетот не е да ги изрази своите субјективни чувства, туку тој станува поет откако ќе го усвои и ќе успее да го изрази Светот.[12] Во продолжение, тој смета дека поетот треба да ги избегнува големите дела кои бараат голем напор и духовна сила за да се усоврши големата целина; притоа, ако поетот не успее да ја оствари таа целина, делото е уништено, а ако пак не успее целосно да ги разработи поединечните делови, тогаш ќе страда целината на делото. Наспроти тоа, предноста на малите поетски дела се состои во тоа што во нив поетот може да ги избере оние предмети со кои тој владее.[13] Според него, стварноста ги обезбедува мотивите, суштината и јадрото на поетското творештво, а задачата на поетот е од тоа да создаде убава оживеана целина.[14] Притоа, токму во мотивите, во ситуацијата, се состои вистинската суштина на поезијата.[15]
Во расказот „Стаклениот лиценцијат“, Сервантес вели дека поезијата ги содржи во себе сите други науки, се служи со нив и со нив се украсува себеси.[16] Слично на тоа, во романот „Дон Кихот“, тој пишува дека поезијата е помалку корисна отколку пријатна, но неа ја украсуваат другите науки кои од неа ја очекуваат својата потврда, додека поезијата се служи со сите нив. Поезијата се состои од такви својства кои овозможуваат со неа да се создаде непроценлива вредност.[17] Според него, поетот се раѓа од природата и тој може да создава без никаква вештина и учење, но ако природната дарба се надгради со вештина, тоа ќе создаде совршен поет.[18] Џакомо Леопарди смета дека, заедно со философијата, поезијата претставува најблагородното, напрекрасното и најнеобичното нешто што човекот сака да го постигне и дека поезијата е врв на уметноста.[19]
Во есејот „Митизација на реалноста“, полскиот писател и философ Бруно Шулц ја дефинира поезијата како тежнеење на првобитното слово, ослободено од дисциплината на практиката, кон поранешните врски, кон сопствено пополнување во смисла и тој стремеж на словото кон утробата, кон словната прататковина го нарекуваме поезија. Оттука, под поезија се подразбира „куси споеви на смислата меѓу зборовите, импулсивна регенерација на првобитните митови“. Според Шулц, поезијата им го враќа на зборовите нивното првобитно место, ги поврзува според некогашните значења. Кај поетот, зборот се повикува на својата суштинска смисла, се развива спонтано, според своите правила, си ја враќа својата интегралност. Затоа, секоја поезија е митологизирање, се стреми кон репродукција на митовите за светот. Поезијата доаѓа до смислата на светот дедуктивно, за разлика од науката која се стреми кон истото, но индуктивно, методично, врз основа на искуството. Процесот на осмислување на светот е тесно поврзан со зборот. Говорот е метафизички орган на човекот. Поетот им го враќа водството на зборовите преку новите споеви, кои настануваат од кумулацијата.[20]
Според Карло Рагијанти, единствено поезијата не спаѓа во визуелните уметности, затоа што, сама по себе, поезијата не може да се претставува. Претставувањето на поетскиот текст е апсурд, зашто не може да се претпостави дека поетскиот збор, за да трае, мора да бара некакво дополнување (сцена, глумци, режисери, сценографија, итн.).[21] На ваквото гледање се спротивставува Еуџенио Монтале кој, во есејот „Уметноста на претставата“ од 1957 година, вели дека ликовните елементи постојат дури и во невизуелните уметности. Според него, дури и кога некој човек рецитира некоја песна на самиот себе, тоа значи дека се следи нејзиниот тек, т.е. дека таа се претставува. Оттука, ако е апсурден поимот на претставената поезија, исто толку апсурден е и поимот на рецитираната поезија.[22] Во есејот „Естетички суд“ од 1958 година, Монтале вели дека поезијата го претставува каменот на сопнувањето во естетиката. Според него, поезијата е половина говор, а половина нешто друго и поради тоа, таа е натрапник во естетичките расправи. Всушност, отсекогаш таа била таква, зашто таа постојано се спојувала и се издвојувала од уметностите и никогаш не се случило, дури и во врвните достигнувања на надреализмот, поетот сосема да ја напушти фигуративноста. Притоа, поради поттиците што ги прима од другите видови уметности, поезијата станала сè повеќе прикажувачка.[23]
Српскиот поет Миодраг Павловиќ смета дека во современито свет поезијата ја нема онаа улога која ја играла во минатото, односно денес, техничките, политичките и научните дејности имаат поголемо значење од неа. Неподготвена на таквата подреденост, таа реагира или со повлекување во себе или со активно, па дури и агресивно, настојување сè повеќе да се замеша во светските работи и да стане неопходен инструмент на националниот престиж, на менталната хигиена и на политичките движења.[24]
Превземено од Википедија